Повеќе од едно на секои шест млади лица останало без работа поради КОВИД-19

Најновата анализа на Меѓународната организација на трудот (МОТ) за влијанието на КОВИД-19 врз пазарот на труд ги разоткрива катастрофалните и непропорционалните ефекти врз младите работници и ги анализира мерките што се преземаат за креирање безбедно враќање во работната средина.

ЖЕНЕВА (МОТ) – Повеќе од едно на секои шест млади лица престанало да работи по започнувањето на пандемијата на КОВИД-19, додека, пак, работното време на оние што останале вработени било намалено за 23 проценти, вели Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Според Мониторот на МОТ: КОВИД-19 и светот на работата: 4-то издание, младите луѓе се несразмерно погодени од пандемијата, а значителното и брзото зголемување на невработеноста кај младите луѓе од февруари досега повеќе ги погодува младите жени отколку младите мажи.

Пандемијата им нанесува троен шок на младите луѓе. Таа не само што го уништува нивното вработување, туку ги попречува и образованието и обуката и предизвикува поголеми препреки на патот на оние што сакаат да влезат на пазарот на труд или да го сменат работното место.

Со 13,6 проценти, стапката на невработеност на младите луѓе во 2019 година веќе беше повисока во споредба со која било друга група. Во светски рамки имаше околу 267 милиони млади луѓе што не се вработени и не се вклучени во образование или обука (NEET). Оние лица на возраст од 15-24 години што беа вработени исто така со поголема веројатност беа вработени во форми на работа што ги ставаат во ранлива положба, како што се ниско платените занимања, работата во неформалниот сектор или како работници мигранти.

„Економската криза од КОВИД-19 им нанесе удар на младите луѓе – особено на жените – многу посилно и побрзо отколку на која било друга група. Ако не преземеме значајни и итни мерки за подобрување на нивната состојба, наследството на вирусот може да остане со нас со децении. Ако нивниот талент и енергија се остават настрана поради недостигот на можности или вештини, тоа ќе и наштети на нашата заедничка иднина и во голема мера ќе ја отежне повторната изградба на подобра економија во периодот по КОВИД,“ изјави Гај Рајдер, Генерален директор на МОТ.

Мониторот повикува на итни, обемни и насочени мерки од политиките за поддршка на младите луѓе, вклучувајќи општи програми на гаранции за вработување/обука во развиените земји, како и програми и гаранции што вклучуваат отворање голем број работни места во земјите со ниски и средни приходи.

Тестирањето и следењето се исплатуваат

Четвртото издание на Мониторот, исто така, ги разгледува мерките за создавање безбедно окружување за враќање на работа. Мониторот наведува дека ригорозното тестирање и следење (ТС) на заразите со КОВИД-19 „е тесно поврзано со помалото нарушување на пазарот на труд … [и] значително помали општествени нарушувања од мерките за изолација и вонредните состојби.“

Во земјите каде што се врши засилено тестирање и следење, просечниот пад на работните часови е намален дури до 50 проценти. Постојат три причини за ова: ТС го намалува потпирањето врз строги мерки за изолација; ја подобрува довербата на јавноста и на тој начин ја поттикнува потрошувачката и ја поддржува вработеноста; и помага за сведување на најмала мера на нарушувањето на работењето на работните места.

Дополнително, тестирањето и следењето може сами по себе да креираат нови работни места, иако само привремено, што може да бидат насочени кон младите луѓе и другите приоритетни групи.

Мониторот ја нагласува важноста на справувањето со прашањата во врска со приватноста на податоците. Трошоците, исто така, претставуваат значаен фактор, но соодносот меѓу користите и трошоците на ТС е „многу поволен“.

„Креирањето заздравување што носи голем број работни места и ги промовира еднаквоста и одржливоста подразбира реактивирање на претпријатијата и враќање на луѓето на работа во најскоро можно време и во безбедни работни услови,“ изјави Рајдер. „Тестирањето и следењето може да претставуваат важен дел од пакетот политики доколку сакаме да се бориме против стравот, да го намалиме ризикот и набргу да ги вратиме во погон нашите економии и општества.“

 

Загуба на работни часови

Мониторот, исто така, ги ажурира процените за намалувањето на работните часови во првото и второто тримесечје на 2020 година, во споредба со четвртото тримесечје на 2019 година. Проценети 4,8 проценти од работните часови биле изгубени во текот на Т1 во 2020 година (што е еднакво на приближно 135 милиони работни места со полно работно време, ако се претпостави 48-часовна работна недела). Ова претставува мала нагорна корекција од околу 7 милиони работни места во периодот по третото издание на Мониторот. Проценетиот број на загубени работни места во Т2 останува непроменет и изнесува 305 милиони.

Од регионална перспектива, Северна и Јужна Америка (13,1 проценти) и Европа и Централна Азија (12,9 проценти) ги претставуваат најголемите загуби во работни часови во Т2.

Мониторот повторно го нагласува својот повик за непосредни и итни мерки за поддршка на работниците и претпријатијата во согласност со стратегијата на МОТ што се темели на четири столбови: стимулирање на економијата и вработеноста; поддршка на претпријатијата, работните места и приходите; заштита на работниците на работното место; потпирање врз социјалниот дијалог за изнаоѓање решенија.

За интервјуа, ве молиме контактирајте не на адресата:  newsroom@ilo.org

Четвртото издание на Мониторот на МОТ може да го најдете на следниов линк:

https://socijalendijalog.mk/wp-content/uploads/2020/06/ILO-Monitor-4th-Edition.pdf