Согласно пресметките на МОТ, одработените часови во 2021 г. на глобално ниво ќе бидат за 4,3 проценти под нивото од пред пандемијата (последен квартал на 2019 г.), што е еквивалентно на 125 милиони работни места со полно работно време. Ова претставува значителна ревизија на проекциите на МОТ од јуни, кои упатуваа на пад од 3,5 проценти или 100 милиони работни места со полно работно време. Од регионален аспект, Европа и Централна Азија се соочија со најмала загуба на одработени часови, споредено со нивото од пред пандемијата (2,5 проценти).
Во најновото издание на Мониторот се предупредува дека без конкретна финансиска и техничка поддршка, ќе опстојува јазот во трендовите на заздравување меѓу развиените и земјите во развој. Големиот јаз се должи на огромните разлики во отпочнувањето на процесот на вакцинација, и во пакетите за фискална поддршка. Процените покажуваат дека за секои 14 целосно вакцинирани лица во вториот квартал од 2021 г., додаден е еквивалент на едно работно место со полно работно време на глобалниот пазар на труд. Ова значително го поттикна закрепнувањето од кризата. Пакетите за финансиска помош и натаму се клучен фактор во траекториите на заздравување. Околу 86 проценти од глобалните мерки за поддршка се сконцентрирани во земјите со висок приход. Процените покажуваат дека зголемувањето на фискалната поддршка за 1 процент од годишниот БДП ги зголемува годишните работни часови за 0,3 процентни поени, споредено со последното тримесечје од 2019 г.
Кризата предизвикана од Ковид-19 имаше влијание и врз продуктивноста, работниците и претпријатијата и доведе до поголеми разлики меѓу државите. Се предвидува дека јазот во продуктивноста меѓу развиените и земјите во развој реално ќе се прошири од 17,5:1 на 18:1, и со тоа ќе биде најдлабокиот јаз забележан од 2005 г.
МОТ повикува на делување во заздравувањето од Ковид-19 со фокус на луѓето, како и на спроведување на акцискиот план усвоен во јуни од страна на Меѓународната конференција на трудот, кој ги обврзува земјите да осигурат дека економското и социјалното закрепнување од кризата ќе биде целосно инклузивно и одржливо.
Осмото издание на Мониторот на МОТ: Ковид-19 и светот на работата можете да го најдете на: ILO Monitor – Covid-19 and the world of work – 8th edition