Поддршка во креирање на политики и механизми со кои ќе се намали бројот на непријавени работници е еден од главните приоритети на Економско-социјалниот совет (ЕСС). Во насока на унапредување на овој сегмент, ЕСС, преку Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на работодавачи на Македонија и Сојузот на синдикатите на Македонија од денеска започна со реализација на кампања за подигнување на свеста за негативното влијание на непријавената работа врз економијата и општеството.
„Владата презема системски решенија кои даваат резултати и овозможуваат формализирање на неформалната економија. Анализите покажуваат поволен тренд на намалување на неформалната економија во официјалниот БДП, а верувам дека овој тренд ќе продолжи како резултат на повеќе процеси што Министерство за труд и социјална политика како и Влада ги презема за намалување на неформалната економија. Во таа насока подготвивме и Стратегија за формализација на неформалната работа за периодот 2018-2022 година со цел да создадеме сеопфатен и конзистентен систем за ефикасно намалување на неформално вработените. Убедена сум дека и оваа кампања ќе даде значаен придонес во подигнување на јавната свест за придобивките од формална работа и со тоа работниците да се дел од системот.“, истакна Јагода Шахпаска, министерка за труд и социјална политика.
Целиот проект е финансиран од Европската Унија, а на прес-конференцијата присуствуваше и Фреек Јанмаат, раководител на одделот за операции во Европската Делегација во Скопје, кој истакна: „Ангажирањето на непријавени работници создава нееднакви услови за субјектите на пазарот, а лицата кои од различни причини работат на ваков начин не можат да ги остварат своите права. За да ја анулираме оваа појава мора заеднички да се заложиме и да создадеме силна системска рамка“.
За да се обезбеди системски пристап, неопходно е зајакнување на контролата и санкционирање на оние кои не ја почититуваат трудовата регулатива.
„Државниот инспекторат за труд врз основа на спроведените надзори на терен и анализа на извештаите ги разработува и подобрува алатките за справување и сузбивање на неформалната работа. Анализата резултираше со заклучок дека репресивната политика не даде задоволителни резултати во справувањето со неформалната работа и нејзината трансформација во формално вработување и затоа трудовото законодавство претрпе измени со ставање на акцент на превенцијата пред репресивните мерки. ДИТ ке продолжи со своите активности во насока заштита на правата од работен однос, но и на формализацијата на неформалната работа како краен ефект во борбата со неформалната економија.“, истакна Јована Тренчевска, директорка на Државниот инспекторат за труд.
Значајна цел на оваа кампања е натамошно унапредување на работничките права и нивната ефикасна заштита.
„ССМ е вклучен во сите активности за намалување и елиминирање на сите причини кои го предизвикуваат неформалното вработување. Но, намалување на неформалната економија и негативните последици од неа може да се очекува единствено доколку се спроведат интегрирани и заеднички активности на сите институции во државата. Апелираме до работниците да ја користат новата бесплатна мобилна апликација ССМ – мои работнички права која ја изработивме заедно со Меѓународната организација на трудот, а преку која работниците можат анонимно да пријават прекршено работничко право за себе и за друго лице.“, истакна Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
На прес-конференцијата присуствуваше и претседателката на Организацијата на работодавачи на Македонија, Владанка Трајковска, која истакна: „Намалувањето на неформалната економија претставува клучен чекор во воспоставување на предвидливо и стабилно деловно окружување и рамноправни услови за работа и здрава конкуренција, за работодавачите кои работат и ги почитуваат законите. Формализацијата на неформалната економија и сузбивањето на даночните затајувања ќе доведат до зголемување на даночните приходи, а со тоа и можност на државата и институциите да пружаат поквалитетни услуги и поголема социјална сигурност на граѓаните“.
Заедно со почетокот на кампањата промовирана е и нова пилот-мерка за намалување на непријавената работа во туристичко-угостителските објекти. Мерката опфаќа покривање на дел од придонесите за социјално осигурување и поддршка во спроведување на административните процедури. Мерката ќе овозможи и поедноставно „позајмување“ вработени помеѓу два туристичко-угостителски објекти, како и можност за дополнителни обуки за стекнување соодветни вештини. Оваа мерка ќе се пилотира во хотелско–угостителскиот сектор во Охрид и Струга. Дел од мерката е и онлајн платформа за поврзување на работодавачите и работниците, преку која ќе се пријавуваат работници и слободни работни места во хотелско–угостителскиот сектор во Охрид и Струга.
За да се овозможи што поголема промоција и информирање на јавноста за оваа пилот-мерка ќе бидат организирани и локални промоции во Охрид и Струга.
Кампањата ја реализира Економско-социјалниот совет во соработка со проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.