Постапка

Стручно-административните работи во врска со мирното решавање на колективните и индивидуалните спорови ги врши Министерството за труд и социјална политика.

Постапката за мирно решавање на работен спор се покренува со поднесување предлог во писмена форма до МТСП. Страните во спорот може заеднички или поединечно да го поднесат предлогот, кој содржи име, презиме и адреса, односно назив и седиште на страните во спорот и предметот на спорот. Кон предлогот, страните доставуваат документација, како и имиња на сведоци, ако ги има.

Ако предлогот го поднела една од страните во спорот, МТСП ги доставува предлогот и документацијата до другата страна, која во рок од пет дена треба да се изјасни дали прифаќа мирно решавање на спорот. Ако другата страна не се изјасни во дадениот рок, ќе се смета дека предлогот не е прифатен.

Страните спогодбено ги бираат помирувачот/арбитерот од Регистарот, во рок од пет дена од денот на прифаќањето на предлогот. Ако страните спогодбено не определат помирувач/арбитер, го определува МТСП од Регистарот.

МТСП го доставува предлогот и документацијата во врска со предметот на спорот на помирувачот/арбитерот, кој е определен за конкретниот спор, во рок од три работни дена од денот на негово определување.

ВАЖНО! Министерството за труд и социјална политика го покрива надоместокот за помирувачот, односно арбитерот. Скоја страна во спорот ги сноси своите трошоци во поглед на начинот на меѓусебното обесштетување на учесниците во мирното решавање на спорот во текот и во врска со водењето на постапката за мирно решавање на спорот.

За сите дополнителни информации за начинот и постапката за мирно решавање на работните спорови, посетете ја интернет-страницата на Министерството за труд и социјална политика на www.mtsp.gov.mk или информирајте се на тел. (02)3106 456 или на е-адреса: rabotni.sporovi@mtsp.gov.mk, секој работен ден од 09 до 16 часот.