НОВОТО НОРМАЛНО? ПОДОБРО НОРМАЛНО!

колумна на Гај Рајдер, генералниот директор на Меѓународната организација на трудот

Во овие времиња на КОВИД-19, најголемиот предизвик за повеќето од нас е како да се заштитиме себеси и нашите семејства од вирусот и како да ги зачуваме нашите работни места. За креаторите на политиките ова значи да се победи пандемијата без притоа да се направи неповратна штета врз економијата.

Со повеќе од 3 милиони случаи и околу 217,000 жртви на вирусот досега на глобално ниво, и со очекуваните загуби во работните часови, до половината на годината, што се еквивалентни на 305 милиони работни места во светски рамки, влогот никогаш не бил повисок. Владите продолжуваат „да ја следат науката“ во потрагата по најдобрите решенија, истовремено занемарувајќи ги очигледните придобивки од поголемата меѓународна соработка во креирањето на потребниот глобален одговор на овој глобален предизвик.

Но, војната против КОВИД-19 допрва треба да се извојува, а во меѓувреме стана општоприфатено мислењето дека она што нè очекува по победата е „новото нормално“ во смисла на начинот на кој ќе биде организирано општеството и начинот на којшто ќе работиме.

Ова и не е баш утешително.

Затоа штосе чини дека никој не знае да каже какво ќе биде новото нормално. Затоа што се испраќа пораката дека тоа ќе биде пропишано од ограничувањата што се наметнати од пандемијата наместо од нашите избори и склоности. И затоа што ова сме го слушнале и порано. Мантрата што беше музиката за расположение во крахот од 2008-2009 година гласеше дека штом ќе се пронајде и примени вакцината за вирусот на финансискиот испад, глобалната економија ќе стане побезбедна, поправична, поодржлива. Тоа, сепак, не се случи. Старото нормално беше вратено со сета сила, и оние од пониските ешалони на пазарот на трудот се најдоа уште поназад.

Оттаму, 1 Мај, меѓународниот ден на трудот, е вистинската пригода за повнимателно разгледување на ова ново нормално и за започнување на работите како тоа да се направи подобро нормално, не толку за оние што веќе имаат многу, туку за оние што толку очигледно имаат премалку.

Оваа пандемија ги соголи, на најсуровиот можен начин, исклучителната неизвесност на егзистенцијата и неправдите во нашиот свет на работата. Токму десеткувањето на егзистенцијата во неформалната економија – во којашто шест од десет работници заработуваат за живот – беше тоа што ги поттикна предупредувањата од нашите колеги од Светската програма за храна за претстојната пандемија на глад. Токму длабоките дупки во системите за социјална заштита дури и во најбогатите земји се тие што оставија милиони луѓе во ситуација на сиромаштија. Токму неуспехот да се гарантира безбедноста при работа е она што осудува на смрт речиси 3 милиони луѓе секоја година поради работата што ја вршат. Дел од ова е и неконтролираната динамика на растечката нееднаквост, што значи дека иако, во медицинскиот жаргон, вирусот не дискриминира меѓу своите жртви во своето социјално и економско влијание, тој сепак дискриминира брутално против најсиромашните и беспомошните.

Единственото нешто што би требало да нè изненади во сето ова е фактот дека сме изненадени. Пред пандемијата, очигледните недостатоци на достоинствена работа главно се одигруваат во поединечни епизоди на тивко очајување. Беше потребна несреќата на КОВИД-19 за тие да се соберат во колективната социјална катаклизма со која е соочен светот денес. Но, ние отсекогаш знаевме: ние едноставно избравме да не се грижиме. Начелно, изборите во политиките преку чинење или нечинење го нагласија наместо да го ублажат проблемот.

Пред педесет и две години Мартин Лутер Кинг, во говор пред штрајкувачите од службите за комунална хигиена, во предвечерјето на својот атентат, го потсети светот дека има достоинство во секој труд. Денес вирусот на сличен начин ја нагласи секогаш суштинската и понекогаш херојската улога на работните херои на оваа пандемија. Луѓето што се вообичаено невидливи, неважни, потценети, дури и занемарени. Здравствените работници, чистачите, касиерите во супермаркетите, вработените во секторот за транспорт, што пречесто се вбројуваат во редовите на несигурните и сиромашните вработени лица.

Денес негирањето на достоинството на овие, како и на милиони други работници, претставува симбол за минатите пропусти во политики и за нашите идни одговорности.

Се надеваме дека на денот на трудот следната година акутната криза на КОВИД-19 ќе биде зад нас. Но, пред нас ќе ја имаме задачата за градење иден свет на работата што се справува со неправдите што беа изнесени на виделина од пандемијата, заедно со трајните и веќе неодложните предизвици на климатската, дигиталната и демографската транзиција.

Ова е тоа што го дефинира подоброто нормално што треба да биде трајното завештание од глобалната здравствена вонредна состојба од 2020 година.