Меѓународната организација на трудот (МОТ) формираше работен тим од експерти за пазарот на трудот, политики за вработување и трудово законодавство со цел да дојде до одговори и решенија за проблемите во светот на работата предизвикани од пандемијата на корона вирусот. Мултидисциплинарниот тим е предводен од МОТ и вклучува национални експерти и претставници на владата, организациите на работодавачи и на синдикатите во Економско-социјалниот совет.
Со појавата на кризата и првите знаци на влијанието на пандемијата врз социо-економската сфера, справувањето со бројните информации, различните мислења и предлози, за тоа како најдобро да се реши кризата прерасна во огромен предизвик. Затоа МОТ состави работен тим: да се справи со мноштвото информации, мислења и предлози, и со обединување на цврста експертиза, да ѝ помогне на Владата да ги избере најсоодветните решенија. Целта на работниот тим е да развие знаење, насоки и политики кои ќе помогнат да се одговори на следниве прашања:
- Кои се веројатните влијанија од кризата предизвикана од Ковид-19, краткорочно и среднорочно, на вработувањето и на пазарот на трудот?
- Кои се веројатните одговори на политиките што треба да ги земат предвид Владата и социјалните партнери за да се намали влијанието на кризата?
Работниот тим ќе дава предлози до Економско-социјалниот совет, кој ќе ги дискутира најдобрите опции со Владата. За соодветно утврдување на овие дискусии за политики потребено е да се измерат можните влијанија и да се направи анализа на алтернативните политики како одговор на кризата. Придонесот на работниот тим е потребен со оглед на итноста на ситуацијата во којашто работат Владата и социјалните партнери, и различниот степен на информации што им се достапни на страните.
Покрај тоа, МОТ отпочна со спроведување анкета за претпријатија со цел да ги поддржи организациите на работодавачите и Економско-социјалниот совет да ги проценат потребите на претпријатијата што се наметнаа од кризата со КОВИД-19. Анкетата ќе даде преглед на последиците од пандемијата за претпријатијата и нивното деловно работење, и ќе помогне во одговарање на следниве прашања:
– Кои видови претпријатија се погодени од КОВИД-19 (мали, средни, големи)?
– Кои сектори се погодени од КОВИД-19?
– Кои се најитните предизвици со кои се соочуваат претпријатијата (на пр. парични текови, персонал, прекини во синџирот на снабдување, пониска побарувачка)?
– Какво е финансиското влијание врз претпријатијата?
– Дали претпријатијата може да пристапат до финансиски услуги за поддршка на деловното закрепнување?
Активностите се кофинансирани од Европската Унија преку проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“.
Линк до анкетата: https://www.surveymonkey.com/r/org-rabotodavaci