ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ПРОЦЕНА НА ПОТРЕБИТЕ ОД УСЛУГИ ЗА БИЗНИС КОНФЕДЕРАЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА

 Историјат

 

Голем број извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата укажуваат на потребата од понатамошен развој на социјалниот дијалог помеѓу главните засегнати страни во економијата. Во оваа насока, Меѓународната организација на трудот ѝ помага на земјата во нејзините заложби да го унапреди социјалниот дијалог како основен елемент на Европскиот социјален модел, кој промовира конкурентност и подобрување на економскиот просперитет и социјалната благосостојба. Оваа поддршка е канализирана преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, проект кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Целта на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог е да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање на повеќе и подобри работни места. Ова ќе се оствари преку подобрување на институциите и законодавството, како и со активности насочени кон зајакнување на капацитетите на трипартитните чинители за нивно ефективно вклучување во социјалниот дијалог. Проектот се состои од три конкретни компоненти, имено:

 

Конкретна цел 1 Зголемено учество на Економско-социјалниот совет во обликување на националната агенда за економско-социјални реформи
Конкретна цел 2 Зајакнато учество на локалните економско-социјални совети во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување
Конкретна цел 3 Зголемена ефективност на синдикатите и на организациите на работодавачи

 

Бизнис конфедерација на Македонија (БКМ) е основана во 2001 година како здружение на работодавачи кое ги истакнува, претставува и поддржува интересите на своите членови и интересите на бизнис-заедницата во земјата. Денес, членството на БКМ се состои од 13 деловни здруженија, со две регионални канцеларии во Прилеп и Тетово и седиште во Скопје. Освен претставување и застапување на интересите на своите членови, БКМ е катализатор на ставот на деловната заедница и двигател на социјалниот дијалог и индустриските односи во земјата.

Со промовирање на концептот за одговорно водење бизниси, поттикнуваме оддржливост на економијата и долгорочен развој на компаниите. Знаењето и ставовите на БКМ се темелат на постојана комуникација со членовите – длабинска анализа, детални анализи и мерења на состојбите во различни општествени сфери на локално, регионално и национално ниво.

Средните и долгорочните приоритети на БКМ се фокусираат на: континуирано подобрување на деловната клима, поддршка на претприемништвото, поддршка на микро, мали и средни претпријатија (ММСП), кои ја формираат основата за економскиот раст и намалување на невработеноста, како и на унапредување на човечкиот капитал во економијата преку обука и едукација.

МОТ и БКМ се партнерски организации и успешно соработуваат на различни проекти. Неодамна, МОТ ја поддржа БКМ да развие, меѓу другото, солиден стратешки план со кој се позиционира организацијата во иднина. Дел од овој план се фокусира на подобрување на постоечките услуги и воведување на нови услуги – кои се од значење за членовите на БКМ.

 

 Цел на задачата

Целта на ова истражување е да се добие критична и искрена процена на потребите од услуги на членството со цел да се утврди опсегот на услуги кои навистина им се потребни на членовите и за кои би биле подготвени да платат надоместок. Дополнително, потребно е да се утврди и како да се обезбеди одржливост на новите услуги.

 

 Општа методологија

Се очекува консултантот да развие детална методологија за истражување во целосна консултација со БКМ и МОТ. Задолжителна фаза од процената се состои од спроведување на 1) 25 лични интервјуа и 2) анкета преку интернет меѓу најмалку 100 членови на БКМ.

По утврдување на клучните услуги што се бараат, процената ќе обезбеди анализа на конкуренти (понуда на слични услуги, ценовна стратегија, стратегија за маркетинг и продажба/распределба), со цел да му се овозможи на БКМ да утврди значајна компаративна предност и да предложи план за одржливост на новите услуги.

 

Очекувани резултати

Консултантот треба да достави интегриран извештај кој ќе ги опфаќа клучните наоди и препораки во однос на услугите кои треба да се приоритет за БКМ со оглед на побарувачката и конкуренцијата. Извештајот, исто така, ќе обезбеди анализа на конкуренти за 3 релевантни услуги кои ќе бидат приоритетни за БКМ и план за одржливост за секоја од нив.

Консултантот ќе работи во консултација со БКМ и под административен и технички надзор на Вишиот специјалист на МОТ за активности на работодавачите од подрегионалната канцеларија во Будимпешта.

Консултантот треба да обезбеди појаснување онаму каде што е потребно и да ги вметне можните коментари што ги дава МОТ и да достави конечна верзија на извештајот кој ќе ги задоволи очекувањата на МОТ во утврдениот рок.

Консултантот ќе ги презентира наодите и препораките пред раководството и Управниот одбор на БКМ.

 

 Времетраење на задачата

Задачата ќе се реализира во периодот април-мај/јуни 2019 година.