Се одржа првиот ДЕМО-ДЕН на Битола старт-ап центарот

Ако имаш храброст и знаење за развој на иновативна идеја БИТОЛА СТАРТ-АП е твоето место. Започни нешто свое и докажи дека И од Битола се може(и). Вака, во септември беше најавен почетокот на отворениот повик за аплицирање со бизнис идеи на БИТОЛА СТАРТ-АП ЦЕНТАР кој на нозе ќе исправи многу идеи кои ќе станат реални бизниси во Пелагонискиот регион.

Во просториите на Битола старт-ап центарот се одржа првиот ДЕМО ДЕН – официјалниот завршен настан и круна на двомесечната интензивна работа. Во серија од 5 минутни презентации, пред публиката, судиите од комисијата и преку livestream до сите кои сакаа да го следат настанот, 12 селектирани апликанти го дадоа својот максимум.
Низ пограмата поминаа вкупно 20 тима кои во текот на неколку недели интензива работа со бројни ментори и тренери се подготвуваа за овој важен настан.

“200 часови менторство, 36 часови тренинзи, 100 часови заеднички сесии и онлајн предавања на zoom платформата не донесе до 336 часови вкупно време посветено за поддршка на нашите апликанти. Ова е најдобрата од вкупно три досегашни геренации на програмата “И од Битола се може(и)” што само дава надеж дека сме на вистинскиот пат да креираме можности и да инспирираме на успех”-истакна Лидија Ангелкова координаторка на проектот од ПРЕДА Плус Фондацијата.

Најдобрите 4 старт-ап идеи: 3/4 етно на Јасмина Василевски; Благите на баба на Светлана Папачек; Б6 beer bar на Ана Котевскa и ORION smart unlock на Никола Ковачевски добија по 185.000 денари грант, а евалуацијата ја правеше тим од судии во состав: Димче Поповски сопственик на ДАКА Холдинг; Катерина Трајковска-финансиски менаџер на ПРЕДА Плус Фондација и Никола Јошевски-генерален директор на ФД “СН финансии”.

“Секогаш се восхитувам на луѓе кои размислуваат за започнување бизнис. Ги знам своите почетоци и исто така знам колку значајно некој да Ве поттикне, но и да биде реален со Вас во тие клучни мигови. Јас сум од оние кои веруваат во идеи, но исто така сум од оние кои не даваат лажна надеж ако знам дека неостварливи се желбите”- ќе каже Димче Поповски од ДАКА холдинг кој беше еден од судиите.

“Младите генерации имаат идеи кои се идеи на ново време. Наше е да помогнеме, полесно да го изодат патот кој за нас бил повеќе од комплициран. Но, исто така мора да им кажеме дека нема лесен пат и дека само оние кои се откажуваат, не можат да успеат. Сум чекал и години за реализиација на некои идеи. Но исто така сум знаел дека идејата вреди да го чека вистинскиот миг”- истакна Никола Јошевски од ФД “СН финансии”.

Горди сме да кажеме дека ова се нашите нови ѕвезди на македонското старт-ап небо. И тука сме да ги поддржиме и помогнеме на патот до успехот. ПРЕДА плус фондацијата деновиве прослави и 10 години од своето постоење, така што водењето на третата генерација на стартапџии, многу силна генерација ни доаѓа како најубав подарок”-заклучи Катерина Трајковска која беше дел од комисијата и ја има улогата на финансиска менаџерка на фондацијата.

Програмата на Преда плус се реализира во рамките на Битола старт-ап како дел од Локално партнерство за вработување (ЛПВ) Битола финансирано преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.