Работниците што работат од дома треба подобро да се заштитат, вели МОТ

Драматичниот пораст на работењето од дома како резултат на пандемијата предизвикана од КОВИД-19 ги истакна лошите работни услови со кои се соочуваат голем број работници што работат од дома, чиј број, пред кризата, изнесуваше околу 260 милиони луѓе ширум светот.

ЖЕНЕВА (МОТ вести) – Потребна е подобра заштита за оние кои работат од дома, а чиј број значително се зголеми поради ширењето на пандемијата предизвикана од КОВИД-19, вели Меѓународната организација на трудот (МОТ) во новиот извештај.

Работата од дома се одвива во приватноста на домот и затоа честопати е „невидлива“. На пример, во земји со низок и среден приход, речиси сите работници што работат од дома (90 проценти) работат неформално.

Работниците кои работат од дома вообичаено се соочуваат со полоши услови од оние кои работат надвор од домот, дури и во професии со високи квалификации. Работниците што работат од дома во просек заработуваат 13 проценти помалку во Обединетото Кралство; 22 проценти помалку во Соединетите Американски Држави; 25 проценти помалку во Јужна Африка и околу 50 проценти помалку во Аргентина, Индија и Мексико.

Работниците што работат од дома, исто така, се соочуваат со поголеми безбедносни и здравствени ризици и имаат помали можности за пристап до обуки во споредба со работниците што не работат од дома, а тоа може да влијае на нивните можности за кариерен напредок.

Дополнително, извештајот Работење од дома. Од невидливост до достоинствена работа, покажува дека оние што работат од дома немаат исто ниво на социјална заштита како другите вработени лица. Исто така, има помала веројатност овие вработени лица да се дел од синдикат или да се опфатени со колективен договор.

 

Повторно добивање на важност

Според процената на МОТ, пред кризата предизвикана од КОВИД-19, ширум светот имало околу 260 милиони работници кои работеле до дома, што претставува 7,9 проценти од глобалната вработеност; и 56 процентни од нив (147 милиони) биле жени.

Тука спаѓаат работниците кои работат од далечина, на постојана основа, и бројни работници кои се вклучени во производство на стоки што не може да се автоматизира, како што се ракотворби, везење, склопување електронска опрема. Другата категорија, работници на дигитална платформа, обезбедува услуги како што се обработка на побарувања од осигурување, уредување и лекторирање на текстови, анотација на податоци за обука на системи со вештачка интелегенција.

 

Од првите месеци од пандемијата предизвикана до КОВИД-19 во 2020 година, процената е дека еден на секои пет работници работел од дома. Податоците за цела 2020 година, откако ќе бидат достапни, се очекува да покажат значителен пораст на оваа бројка.

Порастот на работењето од дома веројатно ќе продолжи и во следните години, вели извештајот, и повторно ќе добие на важност потребата од справување со прашањата со кои се соочуваат работниците што работат од дома и нивните работодавачи.

 

Слабо регулирање и недоволна усогласеност

Работењето од дома честопати не е доволно регулирано, а усогласеноста со постоечките закони и понатаму претставува предизвик. Во голем број случаи, работниците од дома се класифицираат како независни изведувачи и следствено се исклучени од опфатот на трудовото законодавство.

„Голем број земји ширум светот имаат законодавство, некаде дополнето со колективни договори, со кое се уредуваат различни недостатоци на достоинствената работа поврзани со работењето од дома. Сепак, само 10 земји-членки на МОТ ја имаат ратификувано Конвенцијата бр. 177, која промовира еднаков третман на работниците од дома и другите приматели на плата, а само неколку земји имаат сеопфатна политика за работење од дома,“ вели Џанин Берг, виш економист на МОТ и еден од авторите на извештајот.

 

Препораки

Извештајот вклучува конкретни препораки со кои ќе се даде поголема видливост на работата од дома, а на тој начин и подобра заштита.

За индустриските работници што работат од дома, извештајот ја истакнува важноста од олеснување на нивниот премин во формалната економија со проширување на правната заштита, подобрување на усогласеноста, генерализирање на договорите во писмена форма, обезбедување пристап до социјална заштита и подигнување на свеста на оние кои работат од дома за нивните права.

За работниците на дигитални платформи кои работат од дома и чии активности предизвикуваат посебни предизвици за усогласеноста, затоа што работат за работодавачи во повеќе земји, извештајот се залага за користење на податоци генерирани од нивната работа за следење на работните услови и алатките со цел утврдување на фер плата.

За работниците од далечина, извештајот ги повикува креаторите на политики да воспостават конкретни активности за олеснување на психолошките и социјалните ризици и воведување на „правото на исклучување“, со цел да се обезбеди почитување на границата меѓу приватниот и деловниот живот.

 

Работењето од дома веројатно ќе добие поголемо значење во следните години, вели извештајот.

Владите, во соработка со организациите на работодавачите и на работниците, треба да работат заедно за да обезбедат сите работници што работат од дома – без разлика дали ткаат ратан во Индонезија, прават шеа путер во Гана, означуваат слики во Египет, шијат маски во Уругвај, или работат од далечина во Франција – да преминат од невидливиот сектор кон достоинствена работа.