Панел-дискусија во општина Тетово за Оперативниот план за вработување

Со поддршка од проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот,  Министерството за труд и социјална политика организира четири регионални панел-дискусии на локалните економско-социјални совети.

Првата од нив беше спроведена на 3ти октомври 2019 год. во општина Тетово. На средбата се дискутираше идниот Оперативен план за активни мерки за вработување, со фокус врз регионалните и локалните проблеми, предизвици и потреби. Целта е да се консултираат и вклучат локалните економско-социјални совети, а преку нив и институциите, организациите и бизнис-заедницата на локално ниво во креирањето на националните политики, стратегии и планови.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи, претставници од општинската администрација, стопанските комории бизнис-секторот започнаа широка консултација за новиот оперативен план за вработување. Конкретни предлозите се очекува да произлезат од Локалниот економско социјален совет и останатите засегнати страни, а со што процесот на консултација се насочи кон директно засегнатите локални чинители.