На прагот на третиот бран од пандемијата предизвикана од КОВИД-19, Северна Македонија ја продолжува поддршката за плати на претпријатијата

Во последниот квартал од 2020 година, МОТ ги поддржа Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) и Бизнис конфедерацијата на Македонија (БКМ) во спроведување на втора анкета за претпријатијата низ целата земја, со цел да се утврдат деловните предизвици и потреби кои произлегуваат од кризата предизвикана од КОВИД-19. Анкетата помогна да се процени ефективноста на итните економски мерки спроведени преку четирите пакети за поддршка донесени од Владата досега. Дополнително, истражувањето се обиде да утврди каква поддршка се очекува во рамките на петтиот пакет за поддршка. Субвенцијата за плати, првично отфрлена од Владата, беше оценета како најбарана поддршка од претпријатијата. Доказите собрани преку анкетата беа клучни при информирањето на Владата за продолжување на субвенционирањето на платите за претпријатијата, а мерката беше вклучена во новиот пакет за поддршка, донесен во февруари 2021 година.

Според резултатите од истражувањето, поголемиот дел од претпријатијата (83 проценти) продолжиле со работење во четвртиот квартал на 2020 година. Од овие претпријатија, повеќе од половина целосно работеле со физичко присуство на работно место, додека при пролетните мерки за ограничено движење само една петтина од претпријатијата работеле со физичко присуство на работно место. За време на анкетата, една четвртина од претпријатијата комбинирале работење со физичко присуство на работно место и работење од далечина.  Позитивна работа е тоа што процентот на претпријатијата што работеле под оптималното ниво паднал од околу 20 проценти на околу 7 проценти. Освен тоа, само 1 процент од претпријатијата сè уште не работеа, што претставува значително подобрување во споредба со 9 проценти во вториот квартал на 2020 година.

Огромно мнозинство од претпријатијата (86 проценти) имале пад на приходите во споредба со истиот период од минатата година. Отсуството на вработените, намалената побарувачка и доцнењето на плаќањата од клиентите беа пријавени како најкритични оперативни предизвици што предизвикаа голем пад на протокот на готовина, а значителен дел од претпријатијата (64%) овој предизвик го решиле со користење на сопствени резерви. Околу една третина од претпријатијата користеле заеми, од кои 24% земале комерцијални заеми и 11 проценти заеми од Банката за развој на Северна Македонија. За да ја подобрат својата деловна отпорност, над половина од анкетираните претпријатија понудиле нови производи и услуги или ги измениле постојните.

Како што можеше и да се очекува, значителен дел од претпријатијата примениле работење од далечина, опција која многу ретко се користела пред кризата. Околу 67 проценти од претпријатијата користеле работење од далечина за време на пролетниот бран во споредба со само 9 проценти во периодот пред кризата. Околу една третина од претпријатијата посочија дека ќе продолжат со спроведување на работа од далечина и флексибилни аранжмани за работа кога ќе заврши пандемијата. Слично на резултатите од првото истражување, второто истражување покажа дека само мал дел од претпријатијата (12 проценти) прибегнале кон отпуштање на работници и покрај огромните економски предизвици што ги донесе пандемијата. Претпријатијата примениле алтернативни стратегии за намалување на трошоците на персоналот, како што се намалување/одложување на зголемувањето на платите или годишните бонуси, намалување/одложување на вработувањето на нов персонал и намалување на трошоците за развој на персоналот.

Претпријатијата покажаа релативно незадоволство (изразено со 61 процент) од соодветноста на мерките вклучени во четирите пакети за поддршка. Од нив, 18 проценти ги сметаат мерките за целосно несоодветни, додека 43 проценти сметаат дека мерките може да бидат подобри. Голем дел од претпријатијата (41 процент) изразија потреба за петти пакет мерки. Поддршка за плата беше идентификувана како најпотребна поддршка од над една третина од претпријатијата, проследено со дополнителни заеми субвенционирани или гарантирани од Банката за развој на Северна Македонија. Испитаниците исто така споменаа одложување на даночните кредити, како и некои „меки“ мерки, како што се подобро информирање за достапните мерки и подобри услуги од јавните институции.

Анкетата се спроведе онлајн во периодот помеѓу октомври и декември 2020 година, а извештајот прикажува ставови на 246 претпријатија кои ја пополнија анкетата. Покрај тоа, беа спроведени голем број длабински интервјуа во декември 2020 година, со цел да се обезбедат повеќе детали за анализата и да се разјаснат некои резултати од истражувањето. Првата анализа Влијанието на КОВИД-19 врз претпријатијата во Северна Македонија беше спроведена во мај 2020 година.

Новиот извештај „Влијанието на КОВИД-19: Предизвици, потреби и очекувања на претпријатија во Северна Македонија“ може да се преземе од тука.Во март/април 2021 година се очекуваат и истражувањата на претпријатијата во Албанија и Косово.