Договорен нов меѓународен стандард за труд за борба против насилство и вознемирување на работно место

На Меѓународната конференција на трудот по повод стогодишнината на МОТ се донесе нова Конвенција и Препорака за борба против насилство и вознемирување на работно место.

На последниот ден од Меѓународната конференција на трудот по повод стогодишнината на МОТ, во Женева, делегатите ги донесоа Конвенцијата за борба против насилство и вознемирување, 2019г., и Препораката за борба против насилство и вознемирување, 2019г. „За“ Конвенцијата гласаа 439 делегати, 7 „против“, и 30 беа воздржани, а Препораката се донесе со 397 гласа „за“, 12 „против“ и 44 воздржани.

Конвенцијата утврдува дека насилството и вознемирување во светот на работата „може да претставуваат прекршување или злоупотреба на човековите права… и се опасност за еднаквите можности, се неприфатливи и неспојливи со пристојната работа“. Ги идентификува „насилството и вознемирувањето“ како однесување, практики или закани „чија цел е, резултираат во, или веројатно ќе резултираа во физичка, психолошка, сексуална и економска штета“. Ги потсетува земјите-членки дека имаат одговорност да промовираат „околина со нулта толеранција“.

Новиот меѓународен стандард за трудот има за цел да ги заштити работниците и работодавачите, без разлика на нивниот договорен статус, и вклучува лица на обука, практиканти и стажанти, работници чие вработување е прекинато, волонтери, баратели на работа и апликанти. Препознава дека „поединци кои вршат обврски или одговорност на работодавач“ исто така може да се предмет на насилство и вознемирување.

Стандардот опфаќа насилство и вознемирување што се јавуваат на работното место; места каде што се плаќа работникот, места каде што работникот одмара или е на пауза, или на санитарни места, простории за миење или преслекување; за време на деловни патувања, патување, обуки, настани или социјални активности; комуникации поврзани со работата (вклучително и преку информациски и комуникациски технологии), на сместување обезбедено од работодавачот, и при патување до или од работно место. Исто така, препознава дека насилството и вознемирувањето може да опфаќа и трета страна.

Конвенцијата ќе влезе во сила 12 месеци по нејзиното ратификување од две земји членки. Препораката, која не е правно-обврзувачка, обезбедува насоки како може да се примени Конвенцијата.
Повеќе информации на следниот линк:

https://www.ilo.org/ilc/ILCSessions/108/media-centre/news/WCMS_711321/lang–en/index.htm