Кампања за подигнување на свесноста за работнички права

Економско-социјалниот совет, со поддршка на Меѓународната организација на трудот, започнува со кампања за подигнување на свесноста кај работниците за нивните права и обврски што произлегуваат од работен однос. Главна информативна алатка на кампањата е веб-платформата www.mojtrudmoiprava.mk која овозможува граѓаните на брз и едноставен начин да дознаат сè што ги интересира во врска со нивните работнички права.
Познавањето на работничките права е прв чекор кон нивно успешно остварување и практикување. Во услови кога пандемијата со КОВИД-19 го промени нашиот свет и светот на работата на начини кои претходно тешко беа замисливи, работничките права сè повеќе добиваат на важност. Кампањата има за цел да ги информира младите во процес на средно или високо образование кои наскоро би влегле на пазарот на труд, вработените од сите професии, лицата кои бараат вработување, како и работодавачите за правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос.
Веб-страницата www.mojtrudmoiprava.mk нуди едноставен преглед по категории на работничките права и обврски што се предвидени со трудовото законодавство.
Кампањата, која започнува денес, ќе трае во наредните шест месеци, и вклучува мноштво активности на различни медиуми, како што се социјални мрежи, интернет портали, радио, печатени материјали итн. и ќе понуди лесно достапни и детални информации поврзани со работничките права.
Во фокус на втората фаза на кампањата ќе бидат младите, односно средношколците и студентите кои се на прагот на своето прво вработување. Со цел подобро да се запознаат со работничките права, за младите е изработена мобилна апликација преку која ќе научат различни аспекти од работничките права, а предвидени се и вебинари кои би започнале кон крајот на јануари, како и награден квиз.
Кампањата ја реализира Економско-социјалниот совет со поддршка на Зајакнување на социјалниот дијалог. Проектот го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.