Почеток на кампања – Мој труд, мои права

Денес, во организација на Меѓународната организација на трудот, се одржа прес-конференција за најава на почетокот на кампањата за подигнување на свесноста за работничките права, под мотото „Мој труд, мои права“. Кампањата, која ќе трае во наредните шест месеци ќе вклучува мноштво активности на различни медиуми, а ќе понуди и лесно достапни детални информации поврзани со работничките права, кои се особено важни во услови кога пандемијата со КОВИД-19 го промени нашиот свет и светот на работата на начини кои претходно тешко беа замисливи.

Mинистерката за труд и социјална политикa, Јагода Шахпаска, го искажа своето уверување дека „да се бори за своите права, да бара заштита на правата, може само оној кој е добро информиран и добро запознаен со своите права.  И затоа, јас лично сметам дека токму оваа кампања за подигнување на свеста која сега ја започнуваме и ја промовираме со оваа прес конференција, „Мој труд, мои права!“ ќе биде од големо значење за уште подобро информирање и запознавање со работничките права и обврски“.

Раководителот на секторот за соработка при Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини, нагласи дека „Мој труд, мои права!“ е чекор напред во развојот на земјата. Оваа кампања е одличен пример на унапредување на социјалниот дијалог, каде релевантите чинители, јавните институции, приватниот сектор и синдикатите, преку Економско-социјалниот совет, работат заедно на справување со заедничите потреби и интереси.“

Директорката на Државниот инспекторат за труд,  Јована Тренчевска, истакна дека „Државниот инспекторат за труд е еден од главните чинители во процесот на сузбивањето на неформалната работа. Инспекцијата за труд има двојна улога – од една страна таа го контролира спроведувањето на законските одредби а од друга страна нејзината функцијата е превентивна и едукативна. Почитувањето на правата од работниот однос мора да биде приоритет и обврска на секој работодавач.”.

Во однос на аспектот на работодавачите кон оваа проблематика, Претседателот на Организацијaта на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, посочи дека „оваа медиумска кампања за подигнување на свеста е многу значајна и за работниците и за работодавачите. За работниците да може да се информираат кои се нивните права и како да ги бараат, а за работодавачите да сфатат дека мора да ги почитуваат тие права, ако сакаат да ги задржат добрите работници.”

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски, апелираше дека „само синдикатите се оние кои имаат целосен легимитет да ги претставуваат работниците, имаат знаење и способност да се борат за правата на работниците и за нивното достоинство. Како репрезентативен синдикат, ССМ секогаш се залага работниците да бидат целосно информирани, што е цел и на оваа кампања, оспособени и обучени за своите работнички права, како и за препознавање на нарушувањата и злоупотребите на начинот и постапката за нивно целосно остварување.”

Проектниот координатор на проектот „Зајакнување на социјалниот дијалог“, Наташа Мечкароска Симјаноска, истакна дека кампањата има за цел да ги информира младите во процесот на образование, кои наскоро би влегле на пазарот на труд, работниците, барателите на работа, како и работодавачите, за правата и обврските кои произлегуваат од работниот однос, и дека почитувањето на работничките права е основата на достоинствената работа, главна цел на 102-годишното постоење на Меѓународната организација на трудот.

Главна информативна алатка на кампањата е веб-платформата www.mojtrudmoiprava.mk која овозможува граѓаните на брз и едноставен начин да дознаат сè што ги интересира за оваа област, и која нуди едноставен преглед по категории на работничките права и обврски што се предвидени со трудовото законодавство.

На следниот линк може да се проследи видеото од онлајн прес-конференцијата: https://fb.watch/3iiKCKtRKV/

Линк за симнување на видеото од прес-конференцијата https://we.tl/t-maaP9BfZqx

Кампањата ја реализира Економско-социјалниот совет во соработка со проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, финансиран од Европската Унија.

Повеќе информации:

Наташа Мечкароска Симјаноска

Email: simjanoska@ilo.org