ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ПРОЦЕНА НА ПОТРЕБИ ЗА УСЛУГИ ЗА СИНДИКАТИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА СОЈУЗ НА СИНДИКАТИТЕ НА МАКЕДОНИЈА – ССМ

Историјат

Во повеќе извештаи за напредокот од Европската комисија се укажува на потребата за натамошен развој на социјалниот дијалог меѓу социјалните партнери во Северна Македонија. Во оваа насока, Меѓународната организација на трудот и помага на земјата во нејзините напори за унапредување на социјалниот дијалог како суштински елемент на Европскиот социјален модел, што ги промовира конкурентноста, споделувањето на користите и зајакнувањето на економскиот просперитет и социјалната добросостојба. Оваа помош е канализирана преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, што се финансира од Европската унија и се спроведува од Меѓународната организација на трудот.

Општата цел на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог е да се подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Ова ќе се постигне преку институционални и законодавни подобрувања, заедно со активности наменети за зајакнување на капацитетите на трипартитните актери за ефективно вклучување во социјален дијалог. Проектот се состои од три посебни компоненти, поточно:

Посебна цел 1 Зајакнато учество на ЕСС во обликувањето на националната програма за економски и социјални реформи
Посебна цел 2 Зголемено учество на локалните ЕСС во формулирањето и спроведувањето на локалните политики за вработување
Посебна цел 3 Зголемена ефективност на синдикатите и организациите на работодавачите

 

Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ е организација чиишто членки се здружуваат доброволно и врз демократска основа за застапување на економските и социјалните интереси на членството. ССМ е самостојна организација, независна од владата, работодавачите, политичките партии и други организации и институции.

Основните цели на ССМ се: заштита на работничките права, социјална правда, финансиска сигурност, здравствена заштита, пензиско и инвалидско осигурување, правна заштита, квалификации и обука на работниците.

Методите за постигнување на овие цели се: јакнење на социјалниот дијалог и социјалното партнерство, учество во институциите за носење одлуки, колективно договарање, заштита на работниците, меѓународна соработка, образование на членството и објективно информирање на пошироката јавност. Претпочитаниот начин за постигнување на целите е преку преговори и склучување договори со социјалните партнери. Ако преговорите не дадат резултати, се организира индустриска акција, вклучително и штрајк.

ССМ се залага за човекови права и слободи, владеење на правото, демократија и регулиран слободен пазар. ССМ бара сите работници да бидат уредно осигурени и да имаат редовно вработување и достоинствени плати. Прекувремената и ноќната работа треба да се плаќаат засебно, правото на годишен одмор не треба да се ограничува, сите придонеси треба да се плаќаат – накратко, не треба да се злоупотребува какво било работничко право.

Во ССМ се здружуваат следниве синдикати:

  • Синдикат на работниците од агроиндустрискиот комплекс на Македонија (АГРО синдикат);
  • Синдикат на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва на Македонија (СУТКОЗ);
  • Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање на Македонија (СГИП);
  • Синдикат на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани на Македонија (УПОЗ);
  • Самостоен синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Република Македонија;
  • Синдикат на работниците од текстилната, кожарската и чевларската индустрија на Република Македонија (СТКЧ);
  • Синдикат на индустрија, енергетика и рударство на Македонија (СИЕР);
  • Самостоен синдикат на работниците од енегетика и стопанство на Македонија;
  • Синдикат на работниците од сообраќај и врски на Македонија (СРСВМ);
  • Синдикат на хемија, неметали и метали на Македонија (СХНМ);
  • Македонски полициски синдикат (МПС);
  • Синдикат на поштенските и телекомуникациските работници на Македонија (СПТРМ).
  • Синдикат на работниците од трговија на Република Македонија (СРТМ);
  • Синдикат на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија на Македонија (ГИФИХ);
  • Синдикат на работниците од шумарство, дрвна индустрија и енергетика на Македонија;
  • Синдикат на финансиските дејности на Македонија (СФДМ);
  • Мултиетнички синдикат за образование (МЕСО);
  • Синдикат на одбраната и безбедноста (СОБ).

Предмет на задачата

Со оглед на тоа што синдикатите настојуваат да добијат сила и импулс за создавање поголеми организации што се способни подобро да ги застапуваат работниците на национално и на локално ниво, постои потреба за подобрување на услугите што ги нудат на своите членоци, како и да се направи нивната работа повидлива за јавноста.

Процената на потребите на членовите бара спроведување повеќекратни интервјуа со клучните засегнати страни, што ќе помогнат да се добие целосна слика за СММ и за тоа каква претстава за него имаат неговите засегнати страни. Интервјуата ќе имаат за цел да обезбедат критичка и искрена процена на потребите за услуги за да се идентификува низата од услуги што им се реално потребни на членовите и што би привлекле нови членови. Покрај тоа, постои потреба да се идентификува начинот како да се осигури одржливоста на новата услуга (услуги).

Цел на задачата

Севкупната цел на истражувањето е да обезбеди:

  1. Краток дијагностички преглед на ССМ;
  2. SWOT анализа за вредноста на ССМ и за тоа кои се неговите силни, а кои неговите слаби страни; какви можности постојат за неговата програма за работа и кои се заканите за неа;
  3. Изготвување на предлог за следните чекори за развој на релевантни услуги за членовите и за потенцијалните членови. Препораките треба да вклучуваат конкретни услуги и насоки за тоа како ССМ може да започне да обезбедува нови и/или да ги подобри постоечки услуги.
  4. Предлози за начините на коишто ќе се мери зголемениот број и квалитет на новите и подобрените услуги.

Општа методологија

За добивање на потребните согледувања ќе бидат интервјуирани следниве целни групи:

  • Раководството на ССМ, вработените на високите раководни места и членовите на одборот на ССМ
  • Непосредно интервју со Претседателот на ССМ
  • Непосредни интервјуа со раководителите на секторските синдикати што се здружени во ССМ.
  • Членовите на ССМ
  • Непосредни интервјуа со избрани членови на ССМ
  • Онлајн анкетно истражување меѓу членовите на ССМ.

A.                  Претседател на ССМ

Посебен фокус ќе биде ставен на услугите што ги обезбедува ССМ во која било област, вклучително, без ограничувања, релативните капацитети во однос на човечките ресурси и предизвиците со коишто ССМ се соочува при обезбедувањето на основните услуги директно на членовите и кога ги застапува членовите колективно во однос на државата и регионите и билатерално во однос на работодавачите.

Б.                  Членови

Целта е да се разбере како членовите ги приоретизираат, пристапуваат до, и ги оценуваат услугите што ССМ ги обезбедува на индивидуалните членови и во која мера членовите сметаат дека се добро застапувани од ССМ. Секундарна цел е да се оцени дали постои простор за сегментирање на членството со цел да се обезбеат посебно приспособени услуги што се карактеристични за поединечните сегменти.

Процената на потребите на членството ќе се врши во три чекори:

  • Непосредни интервјуа со избрани членови на ССМ
  • Онлајн анкетирање на членовите на ССМ за да се добијат информации за нивното релативно задоволство од обезбедените услуги и сопствените предизвици.
  • Непосредни интервјуа со избрани членови од различни стратуми/категории користејќи критериуми како што се големината на членството, големината на секретаријатот, зрелоста, итн., за утврдување на стратумите/категориите

Точниот број на непосредните интервјуа ќе се утврди во соработка со ССМ и МОТ, врз основа на исходот на квантитативното истражување. Треба да се земе предвид нивното заменување со фокусни групи.

Предложената методологија се состои од комбинација на преглед на документацијата и полуструктурирани и отворени интервјуа за утврдување на состојбата во СММ и јазовите меѓу тековните капацитети и потребите на членовите. Сите упатства за интервјуа, полуструктурираните прашалници, како и прашалниците за квантитативното истражување ќе бидат изготвени и договорени за секоја група испитаници со вишиот специјалист на МОТ за активности на работниците, ТПР/НК – Будимпешта и ССМ.

Крајни продукти

  • Сеопфатна методологија
  • Прашалник
  • Краток дијагностички преглед и извештај за процената на потребите на членовите на ССМ
  • Завршен извештај што вклучува препораки за услуги како што е утврдено во овој документ

Во подготвителната фаза консултантот ќе предложи детална методологија и прашалник како основа за процената. По завршувањето на интервјуата и истражувањето, консултантот поднесува интегриран извештај што ги опфаќа клучните наоди за тековната состојба во СММ и препораки во однос на услугите што треба да бидат приоритетни за ССМ со оглед на побарувачката.

Консултантот работи во тесни консултации со ССМ и под административен и технички надзор на вишиот специјалист на МОТ за активности на работниците, ТПР/НК – Будимпешта.

Консултантот обезбедува појаснувања кога е тоа потребно и ги вградува можните коментари дадени од МОТ, и ја поднесува конечната верзија на извештајот што е прифатлива за МОТ во утврдениот рок.

Времетраење на задачата

Задачата се извршува во периодот од јуни до август 2019 година.

Пријавување на надворешни соработници/Консултантски друштва

Надворешните консултанти и/или консултантски куќи заинтересирани за соработка со ИПА/МОТ проектот за Зајакнување на социјалниот дијалог во горенаведените области на експертиза се замолуваат да ги поднесат своите пријави за изразување интерес до 17 јуни 2019 година преку електронска пошта на адресите simjanoska@ilo.org; kalenzis@ilo.org и jovanovska@ilo.org.

Барања:

  • Искуство во соодветната област на експертиза;
  • Универзитетска диплома во релевантната област;
  • Добро познавање на англискиот јазик и познавање на стручната терминологија;
  • Силни аналитички вештини и практично искуство во работа од сличен вид;
  • Пристап што е ориентиран кон клиентите, тактичност и способност за работа со луѓе и за ефективно обезбедување на услугите;
  • Способност за управување со текот на информациите и почитување на роковите и обврските;
  • Сметка во банка што е соодветна за прием на средства од странство.

Друштвата треба да го поднесат следново:

  • Преглед за друштвото
  • Претходно искуство во релевантната област
  • Список со референци

Индивидуалните соработници треба да го поднесат следново:

– Кратка биографија (CV)

– Краток опис што покажува дека го поседуваат соодветното стручно знаење и искуство за учество во наведената проектна активност

Во согласност со проектните правила на МОТ, експертите не може да бидат државни службеници. МОТ го задржува правото да прифати или одбие која било пријава. Изборот на кандидатите ќе биде извршен во согласност со проектните процедури на МОТ. Кандидатите ќе бидат контактирани од координаторот на активноста и ќе добијат проектна задача со детални барања и описи на задачите. Сите кандидати што се избрани за некоја конкретна задача потпишуваат договори за надворешни соработници со МОТ за конкрената задача и со конкретно времетраење; ова во никој случај не претставува постојано вработување од МОТ или какви било изгледи за тоа.