ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ПРОЦЕНА НА ПОТРЕБИ ЗА УСЛУГИ ЗА СИНДИКАТИТЕ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА КОНФЕДЕРАЦИЈА НА СИНДИКАЛНИ ОРГАНИЗАЦИИ НА МАКЕДОНИЈА – КСОМ

Историјат

Во повеќе извештаи за напредокот од Европската комисија се укажува на потребата за натамошен развој на социјалниот дијалог меѓу социјалните партнери во Северна Македонија. Во оваа насока, Меѓународната организација на трудот и помага на земјата во нејзините напори за унапредување на социјалниот дијалог како суштински елемент на Европскиот социјален модел, што ги промовира конкурентноста, споделувањето на користите и зајакнувањето на економскиот просперитет и социјалната добросостојба. Оваа помош е канализирана преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, што се финансира од Европската унија и се спроведува од Меѓународната организација на трудот.

Општата цел на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог е да се подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Ова ќе се постигне преку институционални и законодавни подобрувања, заедно со активности наменети за зајакнување на капацитетите на трипартитните актери за ефективно вклучување во социјален дијалог. Проектот се состои од три посебни компоненти, поточно:

Посебна цел 1 Зајакнато учество на ЕСС во обликувањето на националната програма за економски и социјални реформи
Посебна цел 2 Зголемено учество на локалните ЕСС во формулирањето и спроведувањето на локалните политики за вработување
Посебна цел 3 Зголемена ефективност на синдикатите и организациите на работодавачите

 

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија КСОМ повеќе од 15 години се бори за подобри работнички права.

Во КСОМ се здружени неколку гранкови синдикати:

  • Независен синдикат на градежници;
  • Независен синдикат на полицијата;
  • Независен синдикат на Армијата;
  • Независен синдикат за образование;
  • Независен синдикат за здравство;
  • Независен синдикат на администрацијата;
  • Независен синдикат за транспорт;
  • Независен синдикат за земјоделство.

 

Предмет на задачата

Со оглед на тоа што синдикатите настојуваат да добијат сила и импулс за создавање поголеми организации што се способни подобро да ги застапуваат работниците на национално и на локално ниво, постои потреба за подобрување на услугите што ги нудат на своите членоци, како и да се направи нивната работа повидлива за јавноста.

Процената на потребите на членовите бара спроведување повеќекратни интервјуа со клучните засегнати страни, што ќе помогнат да се добие целосна слика за СММ и за тоа каква претстава за него имаат неговите засегнати страни. Интервјуата ќе имаат за цел да обезбедат критичка и искрена процена на потребите за услуги за да се идентификува низата од услуги што им се реално потребни на членовите и што би привлекле нови членови. Покрај тоа, постои потреба да се идентификува начинот како да се осигури одржливоста на новата услуга (услуги).

Цел на задачата

Севкупната цел на истражувањето е да обезбеди:

  1. Краток дијагностички преглед на КСОМ;
  2. SWOT анализа за вредноста на КСОМ и за тоа кои се неговите силни, а кои неговите слаби страни; какви можности постојат за неговата програма за работа и кои се заканите за неа;
  3. Изготвување на предлог за следните чекори за развој на релевантни услуги за членовите и за потенцијалните членови. Препораките треба да вклучуваат конкретни услуги и насоки за тоа како КСОМ може да започне да обезбедува нови и/или да ги подобри постоечки услуги.
  4. Предлози за начините на коишто ќе се мери зголемениот број и квалитет на новите и подобрените услуги.

Општа методологија

За добивање на потребните согледувања ќе бидат интервјуирани следниве целни групи:

  • Раководството на КСОМ, вработените на високите раководни места и членовите на одборот на КСОМ
  • Непосредно интервју со Претседателот на КСОМ
  • Непосредни интервјуа со раководителите на секторските синдикати што се здружени во КСОМ.
  • Членовите на КСОМ
  • Непосредни интервјуа со избрани членови на КСОМ
  • Онлајн анкетно истражување меѓу членовите на КСОМ.

A.   Претседател на КСОМ

Посебен фокус ќе биде ставен на услугите што ги обезбедува КСОМ во која било област, вклучително, без ограничувања, релативните капацитети во однос на човечките ресурси и предизвиците со коишто КСОМ се соочува при обезбедувањето на основните услуги директно на членовите и кога ги застапува членовите колективно во однос на државата и регионите и билатерално во однос на работодавачите.

Б.   Членови

Целта е да се разбере како членовите ги приоретизираат, пристапуваат до, и ги оценуваат услугите што КСОМ ги обезбедува на индивидуалните членови и во која мера членовите сметаат дека се добро застапувани од КСОМ. Секундарна цел е да се оцени дали постои простор за сегментирање на членството со цел да се обезбеат посебно приспособени услуги што се карактеристични за поединечните сегменти.

Процената на потребите на членството ќе се врши во три чекори:

  • Непосредни интервјуа со избрани членови на КСОМ
  • Онлајн анкетирање на членовите на КСОМ за да се добијат информации за нивното релативно задоволство од обезбедените услуги и сопствените предизвици.
  • Непосредни интервјуа со избрани членови од различни стратуми/категории користејќи критериуми како што се големината на членството, големината на секретаријатот, зрелоста, итн., за утврдување на стратумите/категориите

Точниот број на непосредните интервјуа ќе се утврди во соработка со КСОМ и МОТ, врз основа на исходот на квантитативното истражување. Треба да се земе предвид нивното заменување со фокусни групи.

Предложената методологија се состои од комбинација на преглед на документацијата и полуструктурирани и отворени интервјуа за утврдување на состојбата во СММ и јазовите меѓу тековните капацитети и потребите на членовите. Сите упатства за интервјуа, полуструктурираните прашалници, како и прашалниците за квантитативното истражување ќе бидат изготвени и договорени за секоја група испитаници со вишиот специјалист на МОТ за активности на работниците, ТПР/НК – Будимпешта и КСОМ.

Крајни продукти

  • Сеопфатна методологија
  • Прашалник
  • Краток дијагностички преглед и извештај за процената на потребите на членовите на КСОМ
  • Завршен извештај што вклучува препораки за услуги како што е утврдено во овој документ

Во подготвителната фаза консултантот ќе предложи детална методологија и прашалник како основа за процената. По завршувањето на интервјуата и истражувањето, консултантот поднесува интегриран извештај што ги опфаќа клучните наоди за тековната состојба во СММ и препораки во однос на услугите што треба да бидат приоритетни за КСОМ со оглед на побарувачката.

Консултантот работи во тесни консултации со КСОМ и под административен и технички надзор на вишиот специјалист на МОТ за активности на работниците, ТПР/НК – Будимпешта.

Консултантот обезбедува појаснувања кога е тоа потребно и ги вградува можните коментари дадени од МОТ, и ја поднесува конечната верзија на извештајот што е прифатлива за МОТ во утврдениот рок.

Времетраење на задачата

Задачата се извршува во периодот од јуни до август 2019 година.

Пријавување на надворешни соработници/Консултантски друштва

Надворешните консултанти и/или консултантски куќи заинтересирани за соработка со ИПА/МОТ проектот за Зајакнување на социјалниот дијалог во горенаведените области на експертиза се замолуваат да ги поднесат своите пријави за изразување интерес до 17 јуни 2019 година преку електронска пошта на адресите simjanoska@ilo.org; kalenzis@ilo.org и jovanovska@ilo.org.

Барања:

  • Искуство во соодветната област на експертиза;
  • Универзитетска диплома во релевантната област;
  • Добро познавање на англискиот јазик и познавање на стручната терминологија;
  • Силни аналитички вештини и практично искуство во работа од сличен вид;
  • Пристап што е ориентиран кон клиентите, тактичност и способност за работа со луѓе и за ефективно обезбедување на услугите;
  • Способност за управување со текот на информациите и почитување на роковите и обврските;
  • Сметка во банка што е соодветна за прием на средства од странство.

Друштвата треба да го поднесат следново:

  • Преглед за друштвото
  • Претходно искуство во релевантната област
  • Список со референци

Индивидуалните соработници треба да го поднесат следново:

– Кратка биографија (CV)

– Краток опис што покажува дека го поседуваат соодветното стручно знаење и искуство за учество во наведената проектна активност

Во согласност со проектните правила на МОТ, експертите не може да бидат државни службеници. МОТ го задржува правото да прифати или одбие која било пријава. Изборот на кандидатите ќе биде извршен во согласност со проектните процедури на МОТ. Кандидатите ќе бидат контактирани од координаторот на активноста и ќе добијат проектна задача со детални барања и описи на задачите. Сите кандидати што се избрани за некоја конкретна задача потпишуваат договори за надворешни соработници со МОТ за конкрената задача и со конкретно времетраење; ова во никој случај не претставува постојано вработување од МОТ или какви било изгледи за тоа.