ПОВИК ЗА ИЗРАЗУВАЊЕ ИНТЕРЕС ПРОЦЕНА НА ПОТРЕБИТЕ ОД УСЛУГИ ЗА ОРГАНИЗАЦИЈА НА РАБОТОДАВАЧИ НА МАКЕДОНИЈА

 Историјат

 

Голем број извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата укажуваат на потребата од понатамошен развој на социјалниот дијалог помеѓу главните засегнати страни во економијата. Во оваа насока, Меѓународната организација на трудот ѝ помага на земјата во нејзините заложби да го унапреди социјалниот дијалог како основен елемент на Европскиот социјален модел, кој промовира конкурентност и подобрување на економскиот просперитет и социјалната благосостојба. Оваа поддршка е канализирана преку проектот Зајакнување на социјалниот дијалог, проект кој го финансира Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот.

Целта на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог е да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање на повеќе и подобри работни места. Ова ќе се оствари преку подобрување на институциите и законодавството, како и со активности насочени кон зајакнување на капацитетите на трипартитните чинители за нивно ефективно вклучување во социјалниот дијалог. Проектот се состои од три конкретни компоненти, имено:

 

Конкретна цел 1 Зголемено учество на Економско-социјалниот совет во обликување на националната агенда за економско-социјални реформи
Конкретна цел 2 Зајакнато учество на локалните економско-социјални совети во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување
Конкретна цел 3 Зголемена ефективност на синдикатите и на организациите на работодавачи

 

Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ) е водечка и единствената репрезентативна организација на работодавачи во земјата која претставува 15 сектори што вработуваат 70.000 работници.

Главната цел на ОРМ е да ги застапува, во име на своите членови, и да ги промовира интересите на работодавачите во економската и социјалната сфера. Поконкретно, дел од темите со кои се занимава ОРМ се поврзани со образование, инфраструктура, општествената одговорност, безбедност и здравје при работа, трудово и социјално законодавство, оданочување, инвестиции, казнени политики, заеми.

Како социјален партнер, ОРМ учествува во трипартитниот и бипартитниот социјален дијалог на сите нивоа. Како член на Заедничкиот консултативен комитет, кој е дел од Европскиот економско-социјален совет (ЕЕСС), ОРМ е информиранa за напредокот на процесот за пристапување во ЕУ и се вклучува во донесувањето на препораки до Владата на Република Северна Македонија.

На национално ниво, ОРМ е член на Економско-социјалниот совет и преговара за колективни договори, ги разгледува и ги одобрува нацрт-законите и нацрт-прописите за економско-социјални прашања, ги изразува своите ставови и предлози врз основа на кои Собранието и Владата треба да донесуваат одлуки со цел да се поттикне развојот на бизнисот.

Последно, но не и најмалку важно, ОРМ е претставена и во трипартитните тела за вработување, социјално и здравствено осигурување, како и во разни работни групи и комисии кои се занимаваат со претприемачка активност.

МОТ и ОРМ се партнерски организации и успешно соработуваат на различни проекти. Неодамна, МОТ ја поддржа ОРМ да развие, меѓу другото, солиден стратешки план со кој се позиционира организацијата во иднина. Дел од овој план се фокусира на подобрување на постоечките услуги и воведување на нови услуги – кои се од значење за членовите на ОРМ.

 Цел на задачата

Целта на ова истражување е да се добие критична и искрена процена на потребите од услуги на членството со цел да се утврди опсегот на услуги кои навистина им се потребни на членовите и за кои би биле подготвени да платат надоместок. Дополнително, потребно е да се утврди и како да се обезбеди одржливост на новите услуги.

 Општа методологија

Се очекува консултантот да развие детална методологија за истражување во целосна консултација со ОРМ и МОТ. Задолжителна фаза од процената се состои од спроведување на 1) 15 лични интервјуа и 2) интернет-анкета меѓу најмалку 70 членови на ОРМ.

По утврдување на клучните услуги што се бараат, процената ќе обезбеди анализа на конкуренти (понуда на слични услуги, ценовна стратегија, стратегија за маркетинг и продажба/распределба), со цел да ѝ се овозможи на ОРМ да утврди значајна компаративна предност и да предложи план за одржливост на новите услуги.

 Очекувани резултати

Консултантот треба да достави интегриран извештај кој ќе ги опфаќа клучните наоди и препораки во однос на услугите кои треба да се приоритет за ОРМ со оглед на побарувачката и конкуренцијата. Извештајот, исто така, ќе обезбеди анализа на конкуренти за 3 релевантни услуги кои ќе бидат приоритетни за ОРМ и план за одржливост за секоја од нив.

Консултантот ќе работи во консултација со ОРМ и под административен и технички надзор на Вишиот специјалист на МОТ за активности на работодавачите од подрегионалната канцеларија во Будимпешта.

Консултантот треба да обезбеди појаснување онаму каде што е потребно и да ги вметне можните коментари што ги дава МОТ и да достави конечна верзија на извештајот кој ќе ги задоволи очекувањата на МОТ во утврдениот рок.

Консултантот ќе ги презентира наодите и препораките пред раководството и Управниот одбор на ОРМ.

 Времетраење на задачата

Задачата ќе се врши во периодот април-мај / јуни 2019 година.