За проектот

Цел

Целта на проектот Зајакнување на социјалниот дијалог е да го подобри социјалниот дијалог како средство за создавање повеќе и подобри работни места. Проектот ќе го поддржи учеството на институциите за социјален дијалог во креирањето политики на национално и локално ниво и ќе ја поттикне практиката на редовни консултации преку националните и локалните економско-социјални совети. Ќе создаде услови социјалните партнери да бидат подобро подготвени за да обезбедат квалитетни совети за политиките и да обезбедат услуги насочени кон побарувачката. Проектот се состои од три конкретни компоненти, имено:

Конкретна цел 1 Зголемено учество на Економско-социјалниот совет во обликување на националната агенда за економско-социјални реформи
Конкретна цел 2 Зајакнато учество на локалните економско-социјални совети во формулирање и спроведување на локалните политики за вработување
Конкретна цел 3 Зголемена ефективност на синдикатите и на организациите на работодавачи

Опис на проектот

Компонента 1  има за цел да го подобри функционирањето и видливоста на Економско-социјалниот совет (ЕСС) преку развивање на методи за зголемување на неговото влијание и надминување на предизвиците при финансирањето, давањето мислења и следењето на последователни активности за препораките/мислењата/советите. Проектот ќе го олесни националното разгледување на неопходните промени во постојните законски и институционални рамки на ЕСС и ќе им помогне на трипартитните конститутенти при барањето соодветни решенија за тековните законски и практични тесни грла.

Компонента 2  се фокусира на подобрување на социјалниот дијалог на локално ниво, преку подобрување на структурата и функционирањето на локалните економско-социјални совети (ЛЕСС), со можност за заживување на оние кои не функционираат. МОТ ќе им помогне на четири оперативни ЛЕСС да преговараат, склучат и да го следат спроведувањето на локални партнерства за вработување (ЛПВ),  кои ќе ги опфаќаат и предизвиците со невработеноста кај младите. ЛПВ поддржуваат децентрализирано спроведување на националната политика за вработување. ЛПВ се наменски интервенции договорени од повеќе чинители на пазарот на трудот, со цел да се развијат локални решенија за конкретни предизвици во вработувањето на општинско или регионално ниво.

Компонента 3  има за цел да ги зајакне видливоста, значењето и капацитетот на синдикатите и на организациите на работодавачи. За да се постигне ова, предложената стратегија е двократна. Од една страна, се надоврзува на претходниот успех со обезбедување поддршка во спроведувањето на стратешки и маркетинг планови. Од друга страна, со оглед на предизвиците со кои се соочуваат социјалните партнери со задржување и зголемување на членството, проектот исто така ќе се фокусира на развивање на капацитетите на социјалните партнери да развијат и воведат нови услуги, согласно побарувачката или да ги подобрат постоечките услуги, со што ќе се зголеми нивото на задоволство кај актуелните членови, но и ќе ги направи организациите поатрактивни за потенцијалните членови, што, пак, ќе резултира со подобра финансиска одржливост, поширока и порепрезентативна база на членови и подобрен квалитет на советите за политики.

Историјат 

Економско-социјалниот совет е единствената трипартитна институција за социјален дијалог на национално ниво, со советодавна улога на Владата при развојот и спроведувањето на економско-социјалните политики. ЕСС има советодавна улога и дава мислења и препораки до Владата за прашања кои се однесуваат на областите од економски и социјален интерес на работодавачите и работниците.

На локално ниво, и покрај одреден напредок во подигнувањето на свеста за придобивките од социјалниот дијалог, искористувањето на ЛЕСС како ефективна алатка за самоуправување се уште е многу ограничено. Многу се ретки случаите во кои општината бара мислење од ЛЕСС за одредено прашање што треба да се реши.

Македонските социјални партнери се обидуваат да станат влијателни чинители на национално ниво. Во многу економски сектори, членството во организациите е на ниско ниво, а можноста за решавање на работните услови и потребите на бизнисите преку колективно преговарање и други форми на социјален дијалог е ограничена.

Голем број извештаи на Европската комисија за напредокот на земјата укажуваат на потребата за понатамошен развој на социјалниот дијалог помеѓу главните засегнати страни во економијата. Во оваа насока, Меѓународната организација за труд ѝ помага на земјата во нејзините заложби да го унапреди социјалниот дијалог како основен елемент на Европскиот социјален модел, кој промовира конкурентност и подобрување на економскиот просперитет и социјалната благосостојба.

Корисници 

Проектот е наменет за членовите на Економско-социјалниот совет и неговиот Секретаријатот, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Министерството за финансии, Канцеларијата на заменик-премиерот за економски прашања, Генералниот секретаријат на Владата и Собранието, локалните економски и социјални совети, 14 општини и Советот на Град Скопје каде што се основани ЛЕСС, локалните социјални партнери, националните организации на работодавачи и на работници.

Крајните корисници се работодавачите и работниците и општата јавност на Република Северна Македонија.